Интервју
Ирена Шуменковска
Ирена Шуменковска, член на
Македонски Политиколошки Форум и
Млад Европски Амбасадор
1
-
Како станавте млад амбасадор?
Платформата на млади европски амбасадори е креативна мрежа на млади активисти од целиот Западен Балкан. Младите европски амбасадори имаат различно потекло, но сепак сите споделуваат заедничка визија: Западен Балкан обединет во различноста и секогаш воден од идејата дека активизмот кај младите е најмоќната сила на општествените промени. Основана е во 2020 година како дел од Регионалната програма за комуникација на ЕУ за Западен Балкан. Изборот за млад европски амбасадор се одвива во повеќе фази кои вклучуваат online гласање и селекција на младите најкомпетитивни лица од страна на претставници од европските институции.
2
-
Какви се односите на Македонија со меѓународните земји и организации?
Република С. Македонија е мала држава на Балканот чија основна цел е опстанокот во меѓународните односи и грижа за благосостојбата на сопствените граѓани. За да го постигне ова потребни ѝ се сојузи и сојузници и на глобално и на регионално ниво. Полноправното членство на С. Македонија во НАТО и во Европската Унија, како и развојот и унапредувањето на добрососедските односи и регионалната соработка, претставуваат стратегиски и долгорочни цели на надворешната политика на државата. Нашата држава се стреми да одржува добро соседски односи и коректни односи со меѓународните организации, доказ за тоа се меѓународните договори кои ги има потпишано. Како земја со нагласена европска ориентација, кандидат за членство во ЕУ, реформски ориентирана и цврсто определена за заштита на правата на човекот, мирољубива и активно ангажирана членка на ОН во меѓународните односи, постојано подготвена да дава придонес во јакнењето на меѓународниот мир и безбедност преку меѓународна соработка во сите области. Јакнењето на пријателските односи со државите преку склучување на билатерални договори, желбата и стремежот да го подобри сопствениот статус во меѓународните организации се доволна потврда за заложбите на С. Македонија за градење на добри односи на билатерално и мултилатерално ниво.
3
-
Кои се најголемите предизвици со кои се соочува Македонија на меѓународната сцена и како можеме да помогнеме во нивното решавање?
Интеграција во Европската Унија е клучната стратешка цел на С. Македонија која ќе ја подобри демократската клима во земјата, ќе ја зајакне нејзината стабилност и економијата и ќе ги подобри работните и животните услови за сите граѓани. Отворањето на пристапните преговори е клучен чекор во постигнувањето на оваа цел, кој соодветно ќе ја подготви земјата за усвојување на европските вредности и принципи. Отпочнувањето на пристапните преговори ќе ја зголеми свеста и важноста на темелните вредности на Европската Унија во С. Македонија, како што се владеење на правото, демократија, еднаквост, и човекови права и слободи. Преку транспонирање на релевантното законодавство на ЕУ во националното законодавство, земјата ќе ги усвои темелните европски стандарди и ќе ги вгради како врвен приоритет во нејзините интеграциски процеси. Освен тоа, надзорот што го спроведуваат државите-членки за време на целиот процес на пристапни преговори ќе обезбеди темелно и недвосмислено почитување на европските вредности во земјата.
4
-
Како да ја промовираме Македонија на меѓународна сцена и како да ја зголемиме соработката со другите земји?
Промоцијата на С. Македонија како земја со поволни услови за инвестирање е една од иницијалните начини да се заинтересираат потенцијалните инвеститори за неа. Нашата земја како мала и зависна економија мора да се промовира многу повеќе од други држави кои се поголеми, поразвиени и етаблирани како алтернативни локации за инвестирање и проширување. Доколку не се промовира и не се работи активно на директните контакти со компаниите, државата не може да се најде во фокусот на интерес кај странските инвеститори. Промоцијата на нашата држава е од огромна важност и потребно е светот да слушне за нашите бизнис потенцијали бидејќи тоа е еден од начините за да се зголеми и соработката со другите земји.
5
-
Како да направиме повеќе за подобрување на имиџот на Македонија во светот?
Најголемите предизвици со кои се соочува нашата држава е да се овозможи доследно спроведување на законите во практиката, да се гарантира функционалност на институциите и да се обезбеди одржливост на политиките. Тоа се клучните пораки во меѓународните извештаи. Како млад европски амбасадор секогаш гласно зборувам за проблемите со кои се соочуваат младите во нашата држава. Еден од клучните проблеми се невработеноста и унапредувањето на образовниот процес. Потребни се клучни реформи кога станува збор за тоа бидејќи секојдевно се соочваме со одлив на квалификуван кадар надвор од државата поради преголемата партизација на државата и државните институции, условите за работа, начините на вработувања, здравствениот систем. За да го подобриме имиџот на државата од голема важност е да се стимулираат младите да останат во државата. Политичките елити сериозно треба да работат на оваа тема доколку навистина сакаат да придонесат за развојот и подобрување на имиџот на нашата држава.
За успехот да биде гарантиран треба силна политичка волја и учество на сите чинители и засегнати страни во еден инклузивен процес кој и натаму ќе се одвива под влијание на европската интеграција на С. Македонија. Без оглед на трансформативната моќ и кредибилитетот на Европската Унија, С. Македонија е далеку од идеална држава. Има уште многу простор за промени, кои ни претстојат, или кои граѓаните ги очекуваат, а за нив борбата против корупцијата, владеењето на правото и подобрување на квалитетот на живот се приоритет. Оттаму, реформите мора да продолжат. Искуството покажува дека чекорењето кон Европската Унија е најдобар начин да ја донесете Европската Унија дома, а кога еднаш е утврдена реалната слика, потоа е потребно тектонско поместување за успехот да биде забележан и да предизвика сериозна промена на имиџот.